Развод на брак
Според правото во Македонија, бракот е со закон уредена заедница на еден маж и жена во која заедница се остваруваат интересите на брачните другар, семејството и општеството, со слободна одлука на мажот и жената да склучат брак. Во современото општество доколку склучен брак не се развива врз основа на очекувањата на брачните другари, на едниот или двајцата брачни другари, дозволено е таквиот брачен однос да се разведе. За развод потребно е еден или двајцата брачни другари да поднесат тужба за развод, целата постапка мора да биде предводена пред надлежен орган со цел да се евидентира фактот кој има значајни правни последици во однос на брачните другари како и во односот на децата. Исто така, битен е и имотноправниот однос помеѓу нив како што е заедничкиот имот, трошоците за заедничкото домаќинство и други обврски.
За развод на брак меродавно е правото на државата чии државјани се двата брачни другари во времето на поднесувањето на тужбата, ако пак брачните другари се државјани на различни држави во времето на поднесувањето на тужбата за разводот на брак надлежни се двете држави.
СПОГОДБЕН РАЗВОД НА БРАК
Постојат два начини со кои брачните другари можат да се разведат со заемана согласност и тоа:
• кога брачните другари немаат заеднички деца, во тој случај претседателот на советот кој ја спроведил постапката за мирење, без одржување на рочиште за главна расправа, во случај само ако мирењето не успеало, ќе донесе пресуда со кој бракот се разведува
• кога брачните другари имаат заеднички деца, брачните другари кои сакаат да се разведат со заемна согласност, потребно е да поднесат спогодба за начин за вршење на родителските права и должности и за издржувањето на децата. Судот ќе прибави мислење од центарот за социјални работи за прашања поврзани со родителското право. Спогодбата за начинот на вршење на родителските права и должности мора да биде јасна и да постои јасна назнака за тоа кај кој родител ќе останат децата. Спогодбата се поднесува писмено кон предлогот за спогодбен развод на брак.
ТУЖБА ЗА РАЗВОД НА БРАК ПОРАДИ НАРУШУВАЊЕ НА БРАЧНИТЕ ОДНОСИ
Согласно Законот за семејство бракот може да се разведе доколку заедничкиот живот на брачните другари станал неподнослив. Развод на брак врз основа на оваа причина може да поднеси било кој брачен другар, без разлика дали е виновен за нарушувањето на односите или не. Либералното гледање на бракот овозможува развод на брак без големи тешкотии кога бракот ќе ја изгуби смислата и целта на постоење. Судот при поднесувањето на тужбата за развод на брак потребно е да утврди дали брачните односи се нарушени до степен на неподносливост на заедничкиот живот и по утврдената фактичка состојба да го разведе бракот.
Од судската практика на судовите издвоени се одредени правни стојалишта кои се од значење за членот 40 од законот за семејство:
• Нарушените брачни односи треба да се трајни со последица на неподнослив заеднички живот и непостоење на услови за негово подобрување
• Не е доволно нарушените брачни односи да се преодни и минливи
• Разводот на брак ќе биде оправдан, иако неподносливиот брак се однесува само на еден од брачните другари
• Судот, должен е и да ги цени сите постапки на брачните другари не само тие кои се случувале за време на заедничкиот живот туки и тие постапките кои се случувале откако не живееле заедно
• Долгиот одвоен живот не е причина за развод доколку еден од брачните другари зазаминал на друго место да живее поради подобра заработувачка.
Comments
Post a Comment